1 Timothy 1
1 Од Павла, апостолот на Исуса Христа, во повелба на Бога нашиот Спасител и Господа Исуса Христа, нашата надеж,
2 до Тимотеја, вистинското чедо по вера. Благодат, милост, и мир од Бога Отецот наш и Христа Исуса нашиот Господ!
3 Како што на тргнување за Македонија те молев да останеш во Ефес, така и сега те молам да им заповедаш на некои, да не проповедаат друго учење,
4 ниту да се занимаваат со басни и бескрајни родословија, кои што предизвикуваат повеќе расправии, отколку распоредби Божји по верата.
5 А целта на заповедта е: љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера.
6 Некои, откако не ги постигнаа тие работи, се оддадоа во празнословија,
7 сакајќи да бидат учители по Законот, но не разбираат ни што зборуваат, ниту што утврдуваат.
8 А ние знаеме дека Законот е добар, ако се држи како што треба,
9 знаејќи дека Законот не е установен за праведник, туку за беззаконици и непокорници, за нечестивци и за грешници, за неправедни и погани, за оние што ги опскрбуваат таткото свој и мајка си, за човекоубијци,
10 за блудници, за мажеложници, разбојници, клеветници, скотоложници, лажливци, клетвопрестапници и за сѐ друго, што е противно на здравата наука,
11 според славното на блажениот Бог Благовестие, кое ми е поверено.
12 Му благодарам на Христа Исуса, нашиот Господ, Кој ми даде сили, со што ме призна за верен и ми определи служба,
13 мене, кој порано бев хулител, гонител и мачител; но ме помилува, бидејќи тоа го вршев, без да знам, во неверие.
14 Но со верата и љубовта во Христа Исуса се преумножи благодатта на нашиот Господ.
15 Верни се и достојни за секакво примање зборовите, дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас.
16 Па затоа бев помилуван, за да ја покаже Исус Христос прво на мене сета долготрпеливост, како пример на оние, кои што ќе поверуваат во Него за живот вечен.
17 А на Царот на вековите, на Нераспадливиот, Невидливиот, Единствен премудар Бог – нека е чест и слава во сите векови. Амин!
18 Чедо Тимотеј, оваа заповед ти ја предавам според поранешните пророштва за тебе, за да се бориш согласно со нив како добар војник,
19 имајќи вера и добра совест, која што некои ја отфрлија и претрпеа бродолом во верата;
20 меѓу нив се Именеј и Александар, што ги предадов на сатаната, за да се научат да не хулат.