1 Thessalonians 5
1 А за времињата и годините, браќа, нема потреба да ви се пишува,
2 бидејќи вие самите многу добро знаете дека денот Господов ќе дојде така, како крадец во ноќно време.
3 Оти, кога ќе речат: »Мир и безопасност!«, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел, како што ја напаѓаат родилни маки секоја непразна жена, и нема да избегнат.
4 Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да ве затече како крадец.
5 Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот: ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината.
6 И така, да не спиеме, како и другите, туку да бидеме будни и трезвени.
7 Зашто оние, што спијат, ноќе спијат, и кои што се опиваат, ноќе се опиваат.
8 Ние, пак, бидејќи синови на денот, да бидеме трезвени и »облечени во оклоп« на верата и љубовта и »шлем« на надежта за спасение,
9 зашто Бог нѐ определи не за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос,
10 Кој умре за нас, та ние, будни ли сме, или спиеме, да живееме заедно со Него.
11 Поради тоа советувајте се помеѓу себе и поправајте го својот ближен, како што и правите!
12 И ве молам, браќа, да ги уважувате оние, што се трудат меѓу вас, што се ваши претстојници во Господа, и оние кои ве учат.
13 И кон нив да имате преголема љубов заради нивното дело. Живејте во мир помеѓу себе!
14 Браќа, ве молам, поучувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите.
15 Гледајте, никој никому да не враќа зло за зло; туку секогаш барајте добро еден на друг, и на сите!
16 Радувајте се секогаш!
17 Молете се постојано!
18 Благодарете за сѐ, оти таква е волјата Божја во Христа Исуса спрема вас!
19 Не гаснете го Духот! Пророштвата не ги унижувајте!
20 Сѐ испитувајте, за доброто држете се!
21 Клонете се од секакво зло!
22 А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ,
23 и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!
24 Верен е Оној, Кој ве повикува, Кој и ќе го направи тоа.
25 Браќа, молете се за нас!
26 Поздравете ги сите браќа со свет целив!
27 Ве заколнувам во Господа ова послание да го прочитате на сите свети браќа.
28 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин!