1 Thessalonians 4
1 И така, браќа, ве молиме и советуваме во Христа Исуса, онака, како што научивте од нас како треба да постапувате и да Му угодите на Бога, како што и постапувате, повеќе во тоа да успевате;
2 зашто знаете какви заповеди ви дадовме од Господа Исуса.
3 Ова е волјата Божја: да бидете осветени, да се воздржувате од блудство,
4 и секој од вас да знае да го пази својот сад во светост и чист,
5 а не во похотна страст, како незнабошците, кои не Го познаваат Бога,
6 и да не престапува и го измамува во тоа братот свој; бидејќи Господ за сето тоа се одмаздува, како што ви зборувавме и сведочевме порано.
7 Оти Бог не нѐ призва кон нечистота, туку кон светост.
8 А кој го отфрла тоа, тој отфрлува не човек, туку Бога, Кој Го даде Својот Дух Свети во нас.
9 За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, оти вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг,
10 бидејќи така и постапувате со сите браќа по цела Македонија. И ве молиме, браќа, уште повеќе да преуспевате,
11 и усрдно да се грижите да живеете тихо, да си ја гледате работата и да работите со сопствените свои раце како што ви заповедавме;
12 да се држите чесно спрема надворешните и да немате потреба од никого.
13 Браќа, не сакам да не знаете за умрените, за да не жалите како и другите, што немаат надеж.
14 Оти, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, тоа и упокоените во Исуса Бог ќе ги приведе со Него.
15 Ова, пак, ви го велиме преку словото Господово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господа, нема да ги испревариме умрените,
16 бидејќи Сам Господ со заповед, при глас на архангел и при труба Божја, ќе слегне од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите;
17 а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господа во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господа.
18 Па затоа, утешувајте се еден друг со тие зборови.