1 Thessalonians 2
1 Вие сами знаете, браќа, дека нашето доаѓање при вас не беше залудо:
2 иако порано пострадавме и бевме поругани во Филипи, како што знаете, ние се ослободивме во нашиот Бог да ви Го проповедаме Божјото Евангелие со голем труд.
3 Зашто нашата утеха не произлегува ни од заблуда, ниту од нечисти побуди, ниту од лукавство.
4 Но, како што Бог нѐ удостои да ни Го повери Евангелието, така и зборуваме – не за да им угодуваме на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува срцата наши.
5 Оти никогаш со примамливи зборови не се однесовме кон вас – како што знаете; ниту со помисли за корист: Бог е сведок!
6 Ни човечка слава не баравме – било од вас, било од други:
7 иако можевме и да се јавиме со важност како Христови апостоли, но при сето тоа ние бевме среде вас благи, онака како што нежно се однесува доилката кон своите деца.
8 Така ве бевме засакале, што бевме готови да ви го предадеме не само Благовестието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги.
9 Та вие ги помните, браќа, нашиот труд и мака: работејќи дење и ноќе, за да не му додеваме на никого од вас, ние ви Го проповедаме Евангелието Божјо.
10 Сведоци сте вие како и Бог, дека свето, праведно и безукорно постапувавме пред вас, кои што верувате,
11 зашто знаете дека секого од вас, како татко децата свои,
12 ние ве молевме и утешувавме и сведочевме да живеете достојно за Бога, Кој ве призвал во Своето царство и слава.
13 Затоа и непрестајно Му благодариме на Бога, оти, откако го примивте словото Божјо од нас, го примивте не како слово човечко, туку – како што и е – слово Божјо, кое и дејствува во вас, кои што верувате.
14 Вие, браќа, поминавте како Божјите цркви во Христа Исуса, што се во Јудеја, бидејќи и вие исто така претрпевте од своите едноплеменици, како и оние од Јудејците,
15 што Го убија и Господа Исуса, и Неговите пророци, и нас нѐ изгонија, и на Бога не Му угодија, и на сите луѓе им се противат;
16 кои што ни пречат да им зборуваме на незнабошците, за да се спасат, и со тоа секогаш ги дополнуваат гревовите свои; но гневот ги достигна до крај.
17 А ние, браќа, откако се одделивме од вас за кратко време по лице, а не по срце, со уште поголема желба се грижевме да го видиме лицето ваше.
18 Поради тоа, ние, најмногу јас, Павле, и еднаш, и другпат, посакавме да дојдеме при вас; но нѐ попречи сатаната.
19 Оти, кој е нашата надеж или радост, или венец за пофалба? Та тоа не сте ли и вие пред нашиот Господ Исуса Христа за Неговото доаѓање?
20 Да, вие сте нашата слава и радост!