Bible

Transform

Your Worship Experience with Great Ease

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

1 Samuel 9

:
Macedonian - 1990
1 Имаше еден виден човек од Венијаминовите синови, по име Кис, син Авилов, син Јаредов, син на Вахиров, син Афеков, син на некојси Венијаминец.
2 Тој имаше син, по име Саул, млад и убав; и никој од Израилците не беше поубав од него; а и за глава тој беше повисок од сиот народ.
3 И на Сауловиот татко Кис му се загубија ослиците, па му рече Кис на синот свој Саула: »Земи со себе еден од слугите и стани, та оди и побарај ги ослиците.«
4 И тој ја мина Ефремовата гора, ја минаа и земјата Селха, но не ги најдоа; ја минаа и земјата Сегалимска, и таму ги немаше; потоа ја минаа и Венијаминовата земја, но не ги најдоа.
5 А кога дојдоа во земјата Сифова, Саул му рече на слугата свој, што беше со него: »Да се вратиме, за да не почне татко, заборавајќи ги ослиците, да се беспокои поради нас.«
6 Но слугата му рече: »Еве, во овој град има еден човек Божји, човек почитуван; сѐ што тој ќе каже, се збиднува. Да отидеме сега таму; можеби, ќе ни го покаже нашиот пат, по кој да одиме.«
7 И му рече Саул на слугата свој: »Добро, да одиме, но што ќе му однесеме на тој човек? Зошто леб не остана во торбите наши, а и подароци нема, за да му однесеме на човекот Божји. Што имаме?«
8 Слугата, пак, му одговори на Саула и рече: »Ете, во раката моја има четврт сикла сребро; ќе му ја дадам на човекот Божји, и тој ќе ни го покаже патот наш.«
9 Порано кај Израилот, кога некој одел да Го праша Бога, велел вака: »да одиме кај јасновидецот.« Зашто тој, кого денес го нарекуваат пророк, порано се викал јасновидец.
10 И му рече Саул на слугата свој: »Добро велиш; да одиме!« И отидоа во градот, каде што беше човекот Божји.
11 Кога влегуваа во градот, сретнаа девојки, кои беа излегле да си наполнат вода, и ги запрашаа: »Има ли тука јасновидец?«
12 Тие им одговорија и рекоа: »Име; ете, тој е пред вас; само побрзајте; тој денес дојде во градот, бидејќи народот денес принесува жртва на ридот;
13 кога ќе дојдете во градот, ќе го затечете, пред да се искачи на ридон за да руча; зашто народот нема да почна да јаде, додека тој не дојде; бидејќи тој ќе ја благослови жртвата, и потоа поканетите ќе почнат да јадат; и така, одете, токму сега ќе го затечете.«
14 И отидоа во градот. А кога дојдоа среде град, ете, и Самуил им излегува во пресрет, за да отиде на ридот.
15 А ден пред Сауловото доаѓање, Господ му откри на Самуила и рече:
16 »Утре во ова време ќе ти испратам еден човек од Венијаминовата земја, и то помажи го за цар на Мојот народ, Израилот; тој ќе го спаси народот Мој од филистејските раце; зашто Јас погледнав милостивно на Мојот народ, бидејќи повикот негов стигна до Мене.«
17 Кога Самуил го виде Саула, Господ му рече: »Ете го човекот, за кого ти говорев; тој ќе царува над Мојот народ.«
18 Саул се приближи до Самуила при вратата и го запраша: »Кажи ми, каде е куќата на јасновидецот?«
19 Самуил му одговори на Саула и рече: »Јас сум јасновидецот, оди пред мене на ридон; и вие ќе ручате денес со мене; јас ќе те пуштам изутрина, и ќе ти кажам сѐ, што имаш на срцето;
20 а за ослиците, што се загубија пред три дена, не се грижи, тие се најдени. Та за кого е сѐ она, што е најсакано кај Израилот? Нели е за тебе и за целиот твој татков дом?«
21 Саул одговори и рече: »Не сум ли јас син од Венијаминовото колено, едно од најмалите Израилеви колена? И домот мој не ли е најмал меѓу домовите од Венијаминовото колено? Тогаш, зошто ми го говориш тоа?«
22 Самуил го зеде Саула и слугата негов, ги воведе во собата, и им даде прво место меѓу поканетите, кои беа триесетина души.
23 И му рече Самуил на готвачот: »Донеси го оној дел, што ти го бев дал и за кој ти бев рекол: ‚зачувај го кај себеси.‘«
24 И готвачот ја зеде плешката и сѐ, што беше на неа, и го стави тоа пред Саула. И рече Самуил: »Ете, тоа е принесено, стави го пред себе и јади, бидејќи тоа е зачувано заради тебе кога го свикав народот.« И тој ден Саул ручаше со Самуила.
25 Потоа тие слегоа од ридот во градот, и Самуил разговараше со Саула на покривот, а и послаа за Саула на покривот и тој спиеше.
26 Утрината тие станаа токму кога зазори зората, Самуил го повика Саула на покривот и рече: »Стани, јас ќе те испратам.« Саул стана, и обајцата, тој и Самуил, излегоа од куќата.
27 Кога наближуваа кон крајот на градот, Самуил му рече на Саула: »Кажи му на слугата да оди пред нас,« и тој отиде напред, »а ти сега застани, и јас ќе ти откријам, што рече Бог.«