1 Samuel 5
1 А Филистејците го зедоа ковчегот Божји и го пренесоа од Авен-Езер во Азот.
2 Го зедоа Филистејците ковчегот Божји, го внесоа во Дагоновиот храм и го поставија до Дагона.
3 На другиот ден, откако станаа Азотците рано, ете, Дагон лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов. И го зедоа Дагона и го поставија пак на местото негово.
4 На следниот ден, откако станаа утрината, ете, Дагон пак лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов; главата на Дагона, обете стапала на нозете и обете дланки на рацете негови беа пресечени, секоја одделно, и лежеа на прагот; само трупот на Дагона беше останал.
5 Поради тоа жреците Дагонови и сите други, кои доаѓаа во домот на Дагона во Азот, не стапнуваат на прагот Дагонов до ден денешен.
6 И раката Господова се протегна врз Азотците, и Бог го порази и ги казни со лоши пликови во Азот и околните места негови, а во земјата се накотија глувци, и во градот имаше голем смут.
7 Откако го видоа тоа Азотците, рекоа: »Да не остане ковчегот на Бога Изрилев кај нас, зашто тешка Му е раката и за нас и за нашиот бог Дагон.«
8 И испратија, та ги собраа при себе сите филистејски кнезови и рекоа: »Што да правиме со ковчегот на Бога Израилев?« А тие рекоа: »Нека се пренесе ковчегот на Бога Израилев во Гет.« И го испратија ковчегот на Бога Израилев во Гет.
9 Откако го пренесоа, раката Господова дојде врз градот и направи ужас мошне голем, и ги порази Господ градските жители од мал до голем, и се појавија на нив израстоци.
10 Затоа тие го испратија ковчегот Божји во Аскалон. И кога ковчегот Божји дојде во Аскалон, Аскалонците извикаа и рекоа: »Го донесоа при нас ковчегот на Бога Израилев, за да ни помори нас и народот наш.«
11 И испратија, та ги собраа сите филистејски кнезови и рекоа: »Испратете го ковчегот на Бога Израилев; нека се врати на местото свое, за да не нѐ помори нас и народот наш.« Зашто се појави смртен страв: по целиот град раката Божја силно се протегна врз нив, откако ковчегот на Бога Израилев дојде тука.
12 И оние, што не умреа, беа поразени со пликови, така што пискотот од градот се издигаше до небото.