1 Samuel 28
1 Во тоа време Филистејците ги собраа војските свои за војна, за да војуваат против Израилот. А Анхус му рече на Давида: »Знај дека и ти ќе тргнеш со мене во борба, ти и твоите луѓе.«
2 Давид му рече на Анхуса: »Сега ќе дознаеш, што ќе направи твојот слуга.« Анхус, пак му рече на Давида: »Затоа ќе те направам пазител на мојата глава засекогаш.«
3 Самуил беше умрел, и го оплакуваа сите Израилци и го погребаа во Рама, во неговиот град. А Саул ги беше изгонил меѓепсниците и гатачите од земјата.
4 Се собраа Филстејците и отидоа, та се улогорија во Сонам; го собра и Саул сиот народ израилски и се улогорија во Гелвуја.
5 Саул го виде филистејскиот логор и се исплаши, и силно му затрепери срцето.
6 Тогаш Саул го запраша Господа; но Господ не му одговараше ни на сон ни преку урим, ни преку пророците.
7 И им рече Саул на слугите свои: »Најдете ми жена маѓепсница, и јас ќе одам кај неа и ќе ја прашам.« И му одговорија неговите слуги: »Тука во Аендор има жена маѓепсница.«
8 И ги соблече Саул алиштата свои и облече други, и тргна тој и двајца луѓе со него, и дојдоа кај жената ноќе. И ѝ рече Саул: »Те молам, гледај ми, и извикај ми, кого што ќе ти кажам.«
9 Но жената му одговори: »Ти знаеш, што направи Саул, знаеш дека тој ги истера од земјата гатачите и гледачите; зошто тураш стапица на душата моја, за да ме погубиш?«
10 И Саул ѝ се заколна во Господа, велејќи: »Жив ми Господ, нема да ти се случи ништо лошо за тоа.«
11 Тогаш жената праша: »А кого да ти го извикам?« Тој одговори: »Извикај ми го Самуила.«
12 И жената го виде Самуила и – високо извика; жената се обрна кон Саула и рече: »Зошто ме излага? Ти си Саул.«
13 Царот ѝ рече: »Не плаши се; кажи што гледаш?« Жената одговори: »Гледам како ѓоа Господ излегува од земјата.«
14 »Каков е тој на изглед?« – праша Саул. Таа одговори: »Излегува од земјата престар маж, облечен во долга облека.« Тогаш Саул дозна, дека е тоа Самуил, падна ничкум на земјата и се поклони.
15 И Самуил му рече на Саула: »Зошто ме обеспокојуваш да излегувам?« А Саул одговори: »Многу ми е тешко; Филистејците војуваат против мене, а Бог отстапи од мене и повеќе не ми одговара ни преку пророци, ни на сон, ни во видение; затоа те повикав, за да ме поучиш, што да правам.«
16 Самуил одговори: »А зошто ме прашуваш мене, кога Господ отстапил од тебе и станал твој непријател?
17 Господ ќе ти го направи тоа, што го говореше преку мене: ќе го одземе Господ царството од рацете твои и ќе му го даде на твојот близок, на Давида.
18 Бидејќи ти не го послуша гласот Господов и не го исполни Неговиот јаросен гнев врз Амалика, Господ и го врши тоа сега над тебе.
19 Господ ќе го предаде Израилот заедно со тебе во филистејски раце; утре ти и твоите синови ќе бидете со мене, а логорот израилски Господ ќе го предаде во филистејски раце.«
20 Тогаш Саул наеднаш падна со целото тело свое на земја, бидејќи многу се исплаши од зборовите на Самуила; притоа и сила немаше во него, зашто не беше јадел леб целиот тој ден и цела ноќ.
21 Тогаш онаа жена се приближи до Саула и виде, дека тој многу се уплашил, и рече: »Ете, слугинката твоја го послуша гласот твој, го изложи животот свој на опасност и ја изврши заповедта, што ти ми ја даде;
22 сега, молам, послушај го и ти гласот на слугинката твоја: јас ќе ти изнесам залче леб, касни си, и ќе имаш сила, кога ќе тргнеш на пат.«
23 Но тој откажа, велејќи: »Нема да јадам.« И почнаа да го советуваат луѓето негови, а исто така и жената; и тој го послуша гласот нивни, стана од земјата и седна на леглото.
24 А жената имаше в куќи згоено теле, и побрза та го закла, заде брашно, па замеси и испече погача,
25 и им принесе на Саула и на слугите негови, и тие каснаа, станаа и заминаа истата ноќ.