1 Samuel 27
1 И Давид рече во срцето свое: »Ќе паднам некогаш во рацете на Саула; за мене ништо подобро, освен да избегам во Филистејската земја; и Саул ќе престане да ме бара веќе по сите израилски предели, и јас ќе се спасам од рацете негови.«
2 Тогаш Давид стана и отиде, тој и шестотини мажи, кои беа со него, при гетскиот цар Анхус, син Моахов.
3 И Давид живееше при Анхуса во Гет, тој и луѓето негови, секој со челадта своја; Давид и двете жени негови – Израилката Ахиноама и кармелитката Авигеја, бивша Навалова жена.
4 Му јавија на Саула, дека Давид избегал во Гет, и тој веќе не го бараше.
5 И Давид му рече на Анхуса: »Ако сум се здобил со милост во очите твои, нека ми биде дадено место во еден мал град, и јас ќе живеам таму; зашто твојот роб да живее во царскиот град заедно со тебе?«
6 Тогаш Анхус му го даде градот Секелаг; затоа Секелаг и остана за царевите јудејски до денес.
7 Сето време, што Давид го помина во Филистејската земја, беше година и четири месеци.
8 И Давид излегуваше со луѓето свои и ги напаѓаше Јесурците и Јерзејците и Амаликијците, кои одамна ја населуваа таа земја до Сур и дури до Египетската земја.
9 И Давид ја опустошуваше таа земја и не оставаше живи ни мажи, ни жени, и заграбуваше овци и волови, и осли и камили и облека и се враќаше и доаѓаше при Анхуса.
10 И Анхус го праша Давида: »Каде нападнавте денес?« Давид одговори: »Кон југ на Јудеја, кон југ на Јерахмеел и кон југ на Кенеја.«
11 Давид не оставаше живи ни мажи, ни жени, и не ги доведуваше во Гет, велејќи: »Тие можат да ни наклеветат, и да кажат: тоа и тоа направи Давид, и такви му се постапките за сето време, додека живееше во Филистејската земја.«
12 А Анхус му се довери на Давида, велејќи си: »Тој стана намразен од народот свој Израилот и си рече ќе ми биде слуга засекогаш.«