1 Samuel 24
1 Потоа Давид излезе оттаму и живееше по неопасните места на Ен-Гади.
2 Кога Саул се врати од Филистејците, му јавија, велејќи: »Ете, Давид е во пустињата Ен-Гади.«
3 Тогаш Саул зеде три илјади одбрани мажи од цел Израил и отиде да го бара Давида и луѓето негови по планините, каде што живеат дивокози.
4 И дојде кај едно овчо трло крај патот; таму имаше пештера, и Саул влезе таму по нужда; а Давид и луѓето негови седеа во дното на пештерата.
5 И му рекоа на Давида луѓето негови: »Еве го денот, за кој ти говореше Господ: ‚ете, Јас ќе го предадам твојот непријател во рацете твои‘ и ќе сториш со него, она што ти е угодно.« Давид стана и полека ја пресече полата на Сауловата горна облека.
6 Но потоа му стана мачно на срцето Давидово, поради тоа што ја пресече полата на Сауловата облека.
7 И им рече на луѓето свои: »Да не ми даде Господ да му го направам тоа на мојот господар, да ставам рака врз него, бидејќи тој е помазаник Господов.«
8 Со тие зборови ги задржа луѓето свои и не им дозволи да го нападнат Саула. А Саул стана и излезе од пештерата на патот.
9 Потоа стана и Давид, излезе од пештерата и извика по Саула, велејќи: »Господару мој, цару!« Саул погледна назад, и Давид падна со лицето на земјата, и му се поклони.
10 И Давид му рече на Саула: »Зошто ги слушаш зборовите на овие луѓе, што велат, ете, Давид крои зло против тебе?
11 Ете, денес гледаат очите твои, дека Господ те предаваше во рацете мои во пештерата, и ми говореа да те убијам, но јас те поштедив и реков: нема да кренам рака на мојот господар, бидејќи тој е помазаник на Господа.
12 Татко, погледни ја полата на облеката твоја во мојата рака, јас ја пресеков полата од облеката твоја, а тебе не те убив; знај и увери се, дека во раката моја нема зло, ни непријателство, и дека јас не сум згрешил спрема тебе; а ти ја бараш душата моја, за да ја одземеш.
13 Господ нека пресуди меѓу мене и тебе, и нека ти одмазди Господ за мене; но мојата рака нема да биде врз тебе,
14 како што вели старата поговорка: – од беззаконици излегува беззаконие. – Затоа раката моја нама да биде врз тебе.
15 Против кого излегол царот Израилски? По кого си се растрчал? По мртво куче, по една болва.
16 Господ нека биде судија и Он нека пресуди меѓу мене и тебе. Тој ќе го испита делото мое и ќе ме спаси од раката твоја.«
17 Откако ги изрече Давид тие зборови кон Саула, Саул рече: »Твојот глас ли е тоа, сине мој Давиде?« И го крена Саул гласот свој, и плачеше
18 и му рече на Давида: »Ти се поправ од мене, зашто ти ми врати со добро, а јас ти враќав со зло;
19 ти го покажа тоа денес, постапувајќи со мене милоситво: кога Господ ме предаваше во рацете твои, ти не ме уби.
20 Кој, откако ќе го најде непријателот свој, ќе го пушти здрав и цел? Господ нека ти врати со добро за тоа што ми го направи денес ти.
21 Сега знам, дека ти бездруго ќе станеш цар, и царството Израилево ќе биде силно во раката твоја.
22 Затоа заколни ми се во Господа, дека нема да го искорениш потомството мое по мене и нема да ги уништиш името мое во татковиот дом мој.«
23 Му се заколна Давид на Саула. И Саул отиде во својот дом, а Давид и луѓето негови отидоа во утврдено место.