1 Samuel 22
1 И Давид отиде оттаму и избега во Адоламската пештера, а кога слушнаа браќата негови и сиот татков дом негов, дојдоа таму при него.
2 Се собраа при него сите подјармени, сите должници и сите душевно огорчени, и тој им стана началник; и со него беа околу четиристотини души.
3 Оттаму Давид отиде во Масифа Моавска и му рече на моавскиот цар: »Татко ми и мајка ми нака останат при вас, додека разберам што ќе направи Бог со мене.«
4 И ги доведе при моавскиот цар, и тие живееја при него за сето време додека Давид беше во она прибежиште.
5 Но пророкот Гад му рече на Давида: »Не останувај во ова прибежиште, туку оди, оди во земјата Јудина.« И Давид замина и отиде во гората Херет.
6 Саул чу, дека Давид се појавил со луѓето, што беа со него. Саул тогаш седеше во Гива, под дабот на ридот во Рама, со копје во раката, и опколен од сите свои слуги.
7 И им рече Саул на слугите свои, што беа околу него: »Чујте, Венијаминови синови! Зар Јесеевиот син ќе ви даде на сите вас ниви и лозја и сите вас ќе ве постави за илјаданачалници и стотници,
8 та сите сте се здоговориле против мене, и никој не ми јави, кога син ми се спријателил со синот Јесеев, и никој од вас не ме пожали и не ми соопшти, дека син ми го поттикнал против мене мојот слуга да ми кове стапици, како што се гледа сега?«
9 Идумеецот Доик, кој стоеше со Сауловите слуги, одговори и рече: »Јас видов, кога Јесеевиот син доаѓаше во Номва при Авимелеха, синот на Ахитува,
10 и тој го праша за него Господа, му даде храна, му го даде и мечот на филистеецот Голијат.«
11 Тогаш испрати царот да го повикаат свештеникот Авимелех, синот Ахитувов, и целиот татков дом негов, свештениците, што беа во Номва. И сите тие дојдоа при царот.
12 Саул рече: »Чух, сине Ахитувов!« Тој одговори: »Еве, ме господару.«
13 А Саул го запраша: »Зошто сте се договориле против мене, ти и Јесеевиот син, та си дал лебови и меч и си го прашал Бога за него, за да востане против мене и да ми поставува стапици, како што се гледа сега?«
14 Авимелех му одговори на царот и рече: »Кој од сите твои робови е толку верен како Давид? Тој е и царев зет, и исполнител на твоите заповеди, и почитуван во домот твој?
15 Сега за првпат ли го прашувам Бога за него? Но не обвинувај го во тоа, цару, слугата свој и целиот мој татков дом, зашто во целата таа работа твојот слуга не знае ништо, ниту мало, ниту големо.«
16 Но царот му рече: »Авимелех, ти треба да умреш, ти и целиот твој татков дом.«
17 И царот им рече на телохранителите што стоеја при него: »Одете, убијте ги свештениците Господови, зашто и нивната рака е со Давида, и тие знаеја, дека тој избегал, а не ни јавија.« Но царските слуги не сакаа да кренат раце, за да ги убијат свештениците Господови.
18 Тогаш царот му рече на Доика: »Оди ти и убиј ги свештениците!« И Доик Идумеецот отиде, ги нападна свештениците и во тој ден уби осумдесет и пет мажи, што носеа ленен ефод;
19 го порази со меч и Номва, свештеничкиот град; уби со меч мажи и жени, момчиња и девојчиња, волови, осли и овци.
20 Се спаси само еден од синовите на Авимелеха, Ахитувовиот син, по име Авијатар, и избега при Давида.
21 Авијатар му раскажа на Давида, дека Саул ги уби свештениците Господови.
22 А Давид му рече на Авијатара: »Јас знаев оној ден, кога таму беше Идумеецот Доик, дека тој бездруго ќе му јави на Саула; јас сум виновен за сите души од татковиот дом твој.
23 Остани при мене, не плаши се, зашто како што ја бара душата моја, ќе ја бара и твојата душа; ти ќе бидеш кај мене по заштита.«