1 Samuel 2
1 И се молеше Ана и велеше: »Ми се зарадува срцето мое во Господа; се воздигна рогот мој преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе.
2 Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог.
3 Не продолжувајте да говорите гордо; зборови охоли да не излегуваат од устата ваша; зашто Господ е Бог на знењето, и делата Негови се обмислени.
4 Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат;
5 ситите работат за леб, а гладните почиваат; дури неплодната раѓа седумпати, а многудетната изнемоштува.
6 Господ умртвува и оживува, кутнува наземи и крева;
7 Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига.
8 Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наследство престолот на славата; зашто во Господа се основите на земјава, и Он врз нив ја утврди вселената.
9 Ги услишува молитвите на молителот и ги благословува деновите на праведникот, зашто не преку сила човекот е јак.
10 Господ ќе ги сотре оние што се препираат со Него; од небесата ќе згрми на нив. Господ е свет. Да не се фали мудриот со мудроста своја, да не се фали силниот со силата своја, да не се фали богатиот со богатството свое, туку секој, кој сака да се фали, нека се фали дека Го разбира и Го знае Господа. Господ ќе ги суди краиштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе го воздигне рогот на помазаникот Свој.«
11 И го оставија таму Самуила пред Господа. Елкана замина за Арматем во својот дом, а момчето остана да Му служи на Господа при свештеникот Илија.
12 А синовите на Илија беа лоши луѓе; тие не Го познаваа Господа
13 и долгот на свештеникот кон народот. Кога некој принесуваше жртва, слугата на свештеникот доаѓаше со виљушката во раката, додека се вареше месото,
14 и ја спушташе во котелот, или во котлето, или во тавата, или во грнето, и што ќе извади виљушката, тоа го земаше за себе свештеникот. Така постапуваа тие со сите Израилци, што доаѓаа таму во Силом.
15 Дури и пред да изгори лојот, слугата на свешетеникот доаѓаше и му велеше на оној, што принесуваше жртва: »Дај месо за печење на свештеникот; тој нема да земе од тебе варено месо, ами дај сурово.«
16 И ако некој му речеше: »Прво нека изгори лојот, како што е редот, и после земи си, колку што ти сака душата«, тој ќе речеше: »Не, дај сега, ако не, насила ќе земам.«
17 И гревот на тие младичи беше многу голем пред Господа, зашто тие земаа од жртвопринесувањата на Господа.
18 А момчето Самуил служеше пред Господа, облекувајќи ефод од висон.
19 Горната облека негова му ја правеше мајка му и му ја донесуваше секоја година, кога доаѓаше со мажот свој, за да принесе годишна жртва.
20 Илиј го благослови Елкана и жена му и рече: »Да ти даде Господ деца од оваа жена како замена за она, кое ти Му го подари на Господа!« И заминаа во своето место.
21 И ја посети Господ Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки; а момчето Самуил растеше при Господа.
22 Илиј, пак, беше многу стар и слушаше сѐ, што правеа синовите негови со сите Израилци, и дека тие спијат со жените, кои се собираа при влезот во скинијата на сведоштвото.
23 И им рече: »Зошто правите такви работи, зашто слушам лоши зборови за вас од сиот народ (Господов).
24 Не, деца мои, не се добри гласовите што ги слушам за вас; немојте да правите така, бидејќи не се добри гласовите, што ги слушам; вие го развратувате народот Господов;
25 ако човек згреши против човек, ќе се помолат на Бога за него; но ако човек згреши против Господа, кој ќе биде тој што ќе моли за него?« Но тие не го послушаа гласот на таткото свој, бидејќи Господ веќе беше решил да ги осуди на смрт.
26 А момчето Самуил сѐ повеќе и повеќе растеше и напредуваше во наклоност пред Господа и пред луѓето.
27 И дојде еден Божји човек при Илија и му рече: »Вака вели Господ: ‚Нели се открив во татковиот ти дом, кога тие уште беа во Египет, во домот на Фараонот?
28 И меѓу сите племиња Израилеви нели го избрав него за свештеник, за да пристапува пред Мојот жртвеник, да кади тамјан, да носи ефод пред Мене? Нели му ги дадов Јас на татковиот ти дом сите жртви сепаленици од синовите Израилеви?
29 А вие зошто ги газите со нозе жртвите Мои и лебните приноси Мои, кои заповедав да се принесуваат пред Мене, и зошто ги претпочиташ синовите свои повеќе од Мене, гоејќи се од првините на сите приноси од Мојот народ Израилот?‘
30 Затоа Господ Бог Израилев вели вака: ‚Јас бев рекол тогаш – домот твој и домот на татко ти ќе одат пред лицето Мое за секогаш; но сега Господ вели – да не биде така, зашто Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат, а оние, што Ме обеславуваат, ќе бидат посрамени.
31 Ете, настапуваат дни, во кои ќе ја пресечам мишката твоја и мишката на татковиот ти дом, така што никогаш да нема старец во домот твој;
32 и ти ќе ја видиш несреќата во домот Мој, при сѐ што Господ му прави добрини на Израилот, и во сите денови нема да има старец во домот твој.
33 Јас нема да ги отстранам сите твои од жртеникот Свој, та да ги изнемошувам очите твои и да ти ја измачувам душата твоја; но целото потомство на домот твој ќе умира на средна возраст.
34 И еве ти знак, што ќе стане со двајцата синови твои Офни и Финес: и обајцата ќе умрат во еден ден.
35 И ќе Си поставам верен свештеник; тој ќе постапува по срцето Мое и според душата Моја; и неговиот дом ќе го направам цврст, и тој ќе оди пред Мојот помазаник во сите денови;
36 и секој, што ќе остане од домот твој, ќе дојде да му се клања за сребрена пара и парче леб и ќе рече: »Запиши ме за некоја левитска должност, за да имам прехрана.«‘«