1 Samuel 17
1 Филистејците ги собраа војските свои за војна, се сместија во Сокхот, кој е во Јудеја, и се улогорија меѓу Сокхот и Азик, во Ефес-Дамим.
2 А Саул и Израилците се собраа и се улогорија во дабовата долина и се подготвија за војна против Филистејците.
3 И застанаа Филистејците од едната страна на планината, и Израилците од другата страна на планината, а меѓу нив беше долината.
4 А од Филистејскиот логор излезе маж силен, по име Голијат, од Гет; со раст од шест лакти и педа.
5 На главата имаше бакарен шлем; а беше облечен во лушпест околоп, и оклопот тежеше пет илјади сикли бакар;
6 на нозете имаше бакарни ногавици до над колената и на плеќите свои – бакарен штит;
7 дршката на копјето негово беше како ткаечко кросно, а самото копје – беше од шестотини сикли железо, пред него одеше оруженосец.
8 И застана тој и викна кон Израилските војски, велејќи им: »Зошто сте излегле да војувате? Не ли сум јас Филистеец, а вие робови Саулови? Изберете си еден човек и нека слезе при мене;
9 ако тој може да се бие со мене и ме убие, ние ќе ви бидеме робови; ако, пак, јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите.«
10 Рече уште Филистеецот: »Денес ќе ја засрамам војската Израилева; дајте ми човек, и ние двајца ќе се биеме.«
11 И Саул и сите Израилци кога ги слушнаа тие зборови од Филистеецот, многу се уплашија и ужасија.
12 Давид беше син на Ефратецот од Витлеем Јудин, по име Јесеј, кој имаше осум синови; во дните на Саула тој човек достигна старост и беше најстар меѓу мажите.
13 Тројцата поголеми Јесеови синови отидоа со Саула во војна; имињата на тројцата синови, што отидоа во војна, беа: најголемиот се викаше Елијав, вториот по него – Аминадав, и третиот – Сама;
14 Давид, пак, беше најмал. Тројцата поголеми отидоа со Саула,
15 а Давид се беше вратил од Саула, за да ги пасе овците на таткото свој во Витлеем.
16 Оној Филистеец излегуваше наутро и се покажуваше четириесет дена.
17 И Есеј му рече на синот свој Давида: »Земи за браќата свои ефа печено жито и овие десет лебови и однеси ги што поскоро во логорот кај браќата твои;
18 а овие десет пити сирење однеси му ги на илјаданачалникот и распрашај се за здравјето на браќата твои и дознај за потребите нивни.«
19 Саул и сите тие Израилци се наоѓаа во дабовата долина и се готвеа за борба со Филистејците.
20 Давид изутрината стана рано, ги остави овците на чувар, и откако го зеде товарот, тргна, како што му беше заповедал Јесеј; и дојде при комората, кога војската беше наредена и со извици се готвеше за борба.
21 Тогаш Израилците и Филистејците се распоредија војска спроти војска.
22 Давид го остави товарот кај чуварот на комората и потрча кон редовите, дојде и ги запраша браќата свои за здравје.
23 И ете, кога тој разговараше со нив, силниот човек, кому му беше името Голијат, Филистеец од Гет, излегуваше од филистејските редови и ги кажуваше истите оние зборови и Давид ги чу.
24 И сите Израилци, откако ќе го видеа тој човек, бегаа од него и многу се плашеа.
25 Израилците велеа: »Го гледате ли оној човек, што излегува? Тој излегува, за да го навредува Израилот; а кога би го убил некој, царот би го наградил со големо богатство, и би му ја дал ќерката своја за жена, а домот на татко му би му го направил слободен во Израилот.«
26 И Давид им рече на оние, што стоеја со него: »Што ќе му направат на оној, што ќе го убие оној Филистеец и го симне срамот од Израилот? Зашто, кој е тој необрезан Филистеец, што ја навредува војската на живиот Бог?«
27 И тие му ги рекоа истите зборови, додавајќи: »Ете, тоа ќе му направат на оној човек, што ќе го убие.«
28 Елијав, најголемиот брат на Давида, чу што говореше тој со луѓето, и му се налути Елијав на Давида, па му рече: »Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустињата? Го знам јас твоето кревање на големо и твоето лошо срце; ти си дошол да ја гледаш борбата.«
29 А Давид рече: »Па што сум направил? Не ли се тоа само зборови?«
30 Па се сврте од него кон друг и ги говореше истите зборови, а луѓато му одговараа како и порано.
31 Се слушнаа зборовите, што Давид ги говореше, и му ги соопштија на Саула, и тој го повика.
32 И му рече Давид на Саула: »Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец.«
33 А Саул му рече на Давида: »Не можеш да одиш против Филистеецот, да се бориш против него, зашто ти си уште момче, а тој е војник уште од младини.«
34 Тогаш Давид му рече на Саула: »Твојот слуга ги пасеше татковите си овци, и кога се случуваше да дојде лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото,
35 јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна; ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав;
36 лав и мечка убивал твојот слуга; а и со овој необрезан Филистеец ќе стане истото, како со нив, бидејќи ја навредува војската на живиот Бог. Не бива ли да одам и да го победам, за да ги снема навредите од Израилот? Зашто, кој е тој необрезан?«
37 Давид рече уште: »Господ, Кој ме спасуваше од лавот и мечката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.« Тогаш му рече Саул на Давида: »Оди, Господ нека биде со тебе!«
38 Саул го облече Давида со облеката своја, му стави на главата бакарен шлем, и му надена железна облека.
39 Давид го опаша мечот негов врз облеката и се обиде да оди, бидејќи никогаш не одел со такво вооружување. И Давид му рече на Саула: »Не можам да одам со ова, не сум навикнат.« И го симна Давид сето тоа од себеси.
40 Па го зеде в рака стапот свој, си одбра пет мазни камчиња од потокот, ги стави во овчарската торбичка, што беше со него; и со торбичката и праќка во раката излезе против Филистеецот.
41 Излезе и Филистеецот, одејќи и приближувајќи се кон Давида, и пред него му одеше оруженосецот.
42 Погледна Филистеецот и, откако го виде Давида, со презир го изгледа, бидејќи беше млад, рус и убав.
43 Филистеецот му рече на Давида: »Зошто си тргнал против мене со стап и со камења? Да не сум куче?« Давид му одговори: »Не, туку подолен од куче.« Филистеецот го проколна Давида со боговите свои.
44 И Филистеецот му рече на Давида: »Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски.«
45 Давид му одговори на Филистеецот: »Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господа Саваота, Бог на Израилевата војска, која ти ја навредуваш;
46 сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им го дадам твојот труп и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае, оти има Бог во Израилот;
47 и сите овие луѓе ќе разберат дека не со меч и копје спасува Господ, зашто тоа е војна на Господа, и Он ќе ве предаде во рацете наши.«
48 Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се приближува кон Давида, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филистеецот,
49 и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли до праќката, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата.
50 Така со праќка и камен го победи Давид Филистеецот; го удри Филистеецот и го уби; а Давид немаше меч во рацете.
51 Тогаш Давид се стрча и, откако стапна врз Филистеецот, зеде та го извлече мечот негов од корицата, го удри и ја пресече со него главата негова. Филистејците, кога видоа дека нивниот јунак умре, почнааа да бегаат.
52 И се кренаа мажите израилски и јудејски, викнаа и ги гонеа Филистејците до влезот во долината и до портите на Акарон. И убиваните Филистејци паѓаа по Шааримскиот пат до Гет и до Акарон.
53 Откако ги прогонија Филистејците, Израилевите синови се вратија и го разграбија логорот нивни.
54 Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а оружјето го стави во шаторот свој.
55 Кога Саул го беше видел Давида како излегува против Филистеецот, тогаш го запраша Авенир, началникот на војската: »Авенире, чиј син е тоа момче?« Авенир му одговори: »Да ти е жива душата, царе, не знам.«
56 И царот тогаш рече: »Ја прашај, чиј син е тоа момче?«
57 А кога Давид се враќаше, откако го уби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе при Саула, и главата на Филистеецот беше во раката негова.
58 И Саул го запраша: »Чиј син си, момче?« Давид одговори: »Син на твојот слуга Јесеј од Витлеем.«