1 Samuel 16
1 Му рече Господ на Самуила: »До кога ќе тагуваш по Саула, кого Јас го отфрлив, да не биде цар на Израилот? Наполни го рогот свој со елеј и оди; Јас ќе те испратам кај витлеемецот Јесеј, зашто меѓу неговите синови си согледав цар.«
2 Тогаш Самуил рече: »Како да одам? Саул ќе чуе и ќе ме убие.« Господ рече: »Потерај од стадото свое една јуничка и кажи: – дојдов да му принесам жртва на Господа;
3 покани го и Јесеја, и синовите негови, на жртвата; Јас ќе ти кажам, што да правиш, и ти ќе Ми го помажеш оној, кого ќе ти го посочам.«
4 И Самуил направи, како што му кажа Господ. Кога дојде во Витлеем, старешините градски се уплашија и излегоа да го пресретнат и запрашаа: »Со мир ли доаѓаш?«
5 Тој одговори: »Со мир; дојдов да Му принесам жртва на Господа; осветете се и дојдете со мене на принесување жртва.« И го освети тој Јесеја и синовите негови и ги покани на жртвата.
6 И кога дојдоа тие, тој, штом го виде Елиава, рече: »Секако овој е пред Господа помазаникот Негов!«
7 Но Господ му рече на Самуила: »Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето.«
8 И го повика Јесеј Аминадава и го доведе кај Самуила, па рече Самуил: »И овој Господ не го избрал.«
9 Јесеј го доведе Сама, и Самуил рече: »И овој не е избран од Господа.«
10 Така Јесеј ги доведе при Самуила седумте синови свои, но Самуил му рече на Јесеја: »Ни еден од нив Господ не избрал.«
11 Самуил го запраша Јесеја: »Сите деца твои ли се овие?« Јесеј одговори: »Остана уште најмалиот; тој ги пасе овците.« И му рече Самуил на Јесеја: »Испрати, и доведи го, зашто нема да седнеме да јадеме, додека тој не дојде овде.«
12 Тогаш Јесеј испрати, и го доведоа. Тој беше рус, со убави очи и пријатно лице. И Господ рече: »Стани, помажи го, зашто тоа е тој.«
13 Самуил го зеде рогот со елеј и го помаза среде браќата негови, и Духот Господов почиваше врз Давида од тој ден и подоцна. Потоа Самуил стана и отиде во Арматем.
14 А од Саула отстапи Духот Господов, и зол дух од Господа го мачеше.
15 И му рекоа на Саула неговите слуги: »Ете, зол дух од Бога те мачи.
16 Нашиот господар нека заповеда на слугите свои, што се пред тебе, да побараат човек, што знае да свири на гусли и кога лошиот дух од Бога ќе дојде врз тебе, тој, свирејќи со рака, ќе те успокојува.«
17 Саул им одговори на слугите свои: »Најдете ми човек, што убаво свири, и доведете ми го.«
18 Тогаш еден од слугите негови рече: »Ете, јас видов кај витлеемцеот Јесеј син, кој знае да свири, човек храбар и борбен, умно говори и е убав, и Господ е со него.«
19 Саул прати известител при Јесеја и рече: »Испрати ми го синот свој Давида, кој е при стадото.«
20 Јесеј зеде осел со леб и мешина со вино и едно јаре, па ги испрати со синот свој Давида кај Саула.
21 Давид дојде кај Саула, и се претстави пред него; тој многу му се допадна на Саула и му стана оруженосец.
22 И Саул испрати да му кажат на Јесеја: »Нека служи Давид при мене, бидејќи најде благонаколност за очите мои.«
23 И секогаш, кога духот лукав доаѓаше врз Саула, Давид го земаше гуслето, свиреше, и на Саула му стануваше подобро и повесело, и лошиот дух тогаш се иставаше од него.