1 Samuel 14
1 Еден ден Сауловиот син Јонатан му рече на својот слуга оруженосец: »Дојди да минеме кон филистејската стража, од онаа страна.« А на татка си тој не му кажа за тоа.
2 Саул, пак, се наоѓаше крај Гава, под калинковото дрво, кое е во Магдон; со него беа до шестотини души народ.
3 и Ахија, синот Ахитов, брат на Јохаведа, син на Финеса, син Илиин, свештеник Господов во Силом, кој носеше ефод. А народот не знаеше, дека Јонатан заминал.
4 Меѓу премините, низ кои Јонатан сакаше да се пробие до филистејската стража, имаше остра карпа од едната страна и остра карпа од другата: едната ја нарекуваа Васес, а другата – Сена;
5 едната карпа се издигаше од север кон Махмас, другата – од југ кон Гава.
6 И му рече Јонатан на својот слуга оруженосецот: »Дојди да преминаме кон стражата на необрезаните; можеби, Господ ќе ни помогне, бидејќи за Господа не е тешко да спаси преку мнозина или малкумина.«
7 И оруженосецот одговори: »Врши сѐ што ти е по срцето; ете, јас сум со тебе, оди, каде што сакаш.«
8 Јонатан рече: »Еве, ќе преминеме кон оние луѓе и ќе застанеме да ни видат;
9 ако ни речат: – застанете, додека да дојдеме до вас, – ние ќе застанеме на местата свои и нема да излеземе при нив;
10 ако, пак, кажат: – дојдете при нас, – ние ќе излеземе, зашто Господ ги предал во рацете наши; и тоа ќе биде знак за нас.«
11 Кога и двајцата застанаа, за да ги види филистејската стража, Филистејците рекоа: »Ете, Евреите излегуваат од проломите, во кои се беа испосокриле.«
12 И извика стражата кон Јонатана и оруженосецот негов, велејќи: »Дојдете кај нас, и ние ќе ви кажеме нешто.« Тогаш Јонатан му рече на оруженосецот: »Оди по мене, зашто Господ ги предава во рацете на Израилот.«
13 Тогаш Јонатан почна да се качува со раце и нозе, а оруженосецот негов по него. И Филистејците паѓаа пред Јонатана, а оруженосецот ги доубиваше по него.
14 И во тој прв пораз, нанесен од Јонатана и оруженосецот негов, паднаа до дваесет души, врз половина од нива, обработувана од два вола во еден ден.
15 Па настана ужас во логорот на полето и во сиот народ: стражата и оние што ја опустошија земјата, многу се уплашија, и не сакаа да се бијат; се затресе целата земја, и настана голем ужас од Господа.
16 И Сауловата стража во Гава Венијаминова виде, дека народот се распрснува и трча наваму-натаму.
17 И Саул му рече на народот, што беше со него: »Погледајте и дознајте, кои од нашите се излезени.« И прегледаа, а тоа, го нема Јонатан и оруженосецот негов.
18 И Саул му рече на Ахија: »Донеси го ковчегот Божји,« – зашто во тоа време ковчегот Божји беше со синовите Израилеви.
19 Саул уште му говореше на свештеникот, додека збрката во филистејскиот логор сѐ повеше и повеќе се зглемуваше. Тогаш Саул му рече на свештеникот: »Собери ги рацете свои!«
20 Извика Саул и сиот народ, што беше со него, и дојдоа до местото на битката, и ете, таму мечот на секого беше насочен против ближниот негов; смут имаше многу голем.
21 Тогаш и Евреите, кои вчера и завчера беа со Филистејците и кои заедно одеа со нив во логорот, се присоединија кон Израилците што беа со Саула и Јонатана;
22 и сите Израилци, што се криеја во Ефремовата гора, откако слушнаа, дека Филистејците избегале и тие се присоединија кон своите во битката.
23 Тој ден Господ го спаси Израилот; а битката се прошири дури до Вамот. Сите мажи со Саула беа до десет илјади, и битката се прошири по целиот град на Ефремовата гора.
24 Израилевите мажи беа изморени тој ден; а Саул, не размислувајќи многу, го заколна народот, велејќи: »Проклет да е оној, што ќе вкуси леб до вечерва, додека не им се одмаздам на моите непријатели!« И никој од народот не вкуси храна.
25 И сиот народ отиде во гората, а таму на лединката имаше мед.
26 И народот излезе во гората, велејќи: »Еве, тече мед.« Но никој не ја доближи раката кон устата своја, бидејќи народот се плашеше од клетвата.
27 Јонатан, пак, не чу, кога тако му го заколнуваше народот, и отакако го протегна крајот на стапот, што беше во раката негова, ја буцна медената пита и ја сврти со раката кон устата своја и очите му светнаа.
28 А еден од народот му рече, велејќи: »Татко ти го заколна народот, и рече: – ‚Проклет да е оној, што денес ќе вкуси храна; од тоа народот изнемоште.‘«
29 Но Јонатан рече: »Татко ми ја смути земјата; гледате, како ми светнаа очите, штом вкусив малку од медов;
30 ако, пак, народот денес си каснеше од грабежов, што го најде кај непријателите свои, немаше ли поразот на Филистејците да биде поголем?«
31 И Израилците ги разбија Филистејците оној ден од Махмас до Ајалон, и народот многу беше изморен.
32 Тогаш народот се нафрли на пленот, и земаа овци, волови и телиња, и ги колеа наземи, и народот јадеше заедно со крвта.
33 Му јавија на Саула, велејќи: »Ете, народот греши пред Господа, јаде со крвта.« И рече Саул: »Вие згрешивте: донесете сега при мене еден голем камен.«
34 Потоа Саул рече: »Одете меѓу народот и речете му: секој нека го дотера при мене волот свој и секој – овцата своја, и колете тука и јадете, и не грешете пред Господа, не јадете со крвта.« И сите од народот дотеруваа, секој со своја рака, волот свој и овцата своја през ноќта и колеа таму.
35 Тогаш Саул му изгради жртвеник на Господа: тоа беше жртвеник на Господа подигнат од него.
36 И Саул рече: »Да ги подгониме Филистејците оваа ноќ и да ги ограбиме до разденување и да не оставиме ниту еден од нив.« И рекоа: »Прави сѐ, што сметаш дека е добро.« А свештеникот рече: »Да пристапиме овде кон Бога.«
37 Саул го запраша Бога: »Да ги подгонам ли Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете на Израилот?« Но Он не му одговори тој ден.
38 Тогаш Саул рече: »Нека се приближат овде сите началници народни, да распрашаат и дознаат, врз кого е денес гревот?
39 Зашто, – жив ми Господа, Кој го спаси Израилот – ако биде и врз синот мој Јонатан, и тој нека умре бездруго.« Но никој од сиот народ не му одговори.
40 Тогаш Саул им рече на сите Израилци: »Застанете вие на едната страна, а јас и син ми Јонатан ќе застанеме на другата страна.« А народот му одговори на Саула: »Прави го она што мислиш дека е добро.«
41 И рече Саул: »Господи, Боже Израилев! Зошто сега не му одговори на Твојот слуга? Во мене ли е вината за тоа, или кај син ми Јонатан? Господи, Боже Израилев, дај знак. Ако е вината кај твојот народ Израил, изобличи го.« Изобличени беа со жреб Јонатан и Саул, а народот излезе прав.
42 Тогаш Саул рече: »Фрлете жреб меѓу мене и меѓу синот мој Јонатан и кого Господ ќе го посочи, тој да умре.« И народот му рече на Саула: »Нека не биде така!« Но Саул настојуваше. И фрлија жреб меѓу него и синот негов Јонатан, и жребот падна врз Јонатана.
43 И Саул му рече на Јонатана: »Кажи ми, што си направил?« И Јонатан му раскажа, велејќи: »Вкусив со стапот, што е во раката моја, малку мед; и ете, јас треба да умрам.«
44 И Саул рече: »Нека ми направи Господ и тоа и тоа, и уште повеќе да направи; ти, Јонатане, денес треба да умреш.«
45 Но народот му рече на Саула: »Јонатан ли да умре, кој изврши такво големо спасение на Израилот? Тоа нема да биде! Нека е жив Господ, ни влакно нема да падне од главата негова на земјата, зашто денес тој дејствуваше со Бога.« И народот го ослободи Јонатана, и тој не умре.
46 Тогаш Саул не отиде да ги гони Филистејците; и Филистејците се вратија во земјата своја.
47 Саул го зацврсти царувањето свое над Израилот, и војуваше против сите свои околни непријатели, со Моав и со Амонците и со Едом, и со Ветор, и со царевите на Сова, и со Филистејците, а против кого и да се свртеше, по ред имаше успех.
48 Тој ја среди војската, го разби Амалик и го ослобори Израил од рацете на оние што го грабеа.
49 Саулови синови беа: Јонатан, Јесуј и Мелхисуј; а двете ќерки негови се викаа: поголемата – Мерова, а помалата – Мелхола.
50 А Сауловата жена се викаше Ахиноам, ќерка на Ахимас; началникот на војската негова се викаше Авенир, син на Нир, стрикото Саулов.
51 Кис, Сауловиот татко, и Нир, Авенировиот татко, син на Јамина, беа синови Авилови.
52 И за сето Саулово време се водеше упорна борба против Филистејците. И кога Саул ќе видеше некој човек силен и јунак, го земаше кај себеси.