1 Samuel 13
1 Беше изминала една година од царувањето на Саула, а две години царуваше Саул над Израилот, кога тој си избра три илјади Израилци:
2 две илјади беа со Саула во Махмас и во гората Ветилска, а илјада беа со Јонатан во Гава Венијаминова: а другиот народ тој го испрати по куќите нивни.
3 Јонатан ја разби филистејската стража, што беше во Гава; Филистејците слушнаа за тоа, а Саул затруби со труба по целата земја, викајќи: »нека чујат Евреите!«
4 Кога сиот Израил чу, дека Саул ја разбил филистејската стража и дека Израил станал намразен за Филистејците, – народот се собра при Саула во Галгал.
5 А Филистејците се собраа за војна против Израил: триесет илјади коли и шест илјади коњица, и мноштво народ, како песок на морскиот брег; и дојдоа, та се сместија во Махмас, на исток од Веторон.
6 Израилците, откако видоа дека се во опасност, бидејќи народот беше притеснет, се криеја во пештери и теснеци, во камени места, во пукнатини и ровови;
7 а некои од Евреите минаа од онаа страна на Јордан, во земјата Гадова и Галадска; Саул, пак, беше уште во Галгал, сиот народ, што беше со него, се беше уплашил.
8 И тој чекаше седум дена до рокот, означен од Самуила, но Самуил не доаѓаше во Галгал. И народот почна да се разбегува од него.
9 И Саул рече: »Донесете го при мене одреденото за сепаленици и за благодарствени жртви.« И принесе жртва.
10 А штом заврши со принесувањето на жртвата, ете кај иде Самуил, и Саул му излезе во пресрет да го поздрави.
11 А Самуил запраша: »Што си направил?« Саул одговори: »Видов оти народот се разбега од мене, а ти не дојде во закажаното време, Филистејците пак се беа собрале во Махмас, –
12 тогаш си помислив: ‚Сега ќе се спуштат врз мене Филистејците во Галгал, а јас, пак, сѐ уште не сум го прашал Господа,‘ па затоа решив да принесам жртва.«
13 И Самуил му рече на Саула: »Лошо си постапил што не си ја исполнил заповедта на Господа, твојот Бог, која ти беше дадена, зашто денес Господ сакаше да го зацврсти царувањето твое над Израилот засекогаш.
14 А сега твоето царување не ќе може да опстане: Господ ќе си најде маж според срцето Свое и ќе му нареди да биде водач на народот Негов, зашто ти не го исполни она што ти беше заповедал Господ.«
15 И стана Самуил, та отиде од Галгал во Гава Венијаминова, другите, пак луѓе отидоа по Саула против непријателските групи, кои ги нападнаа кога одеа од Галгал во Гава Венијаминова; а Саул ги преброи луѓето, што беа со него, до шестотини души.
16 Саул со синот свој Јонатан и луѓето, што се наоѓаа при нив, се улогорија во Гава Венијаминова и плачеа, а Филистејците беа во логорот во Махмас.
17 И од филистејскиот логор излегоа три дружини, за да ја опустошуваат земјата: едната тргна по патот за Гофер, во земјата Совал,
18 другата дружина тргна по Веторонскиот пат, додека третата појде по патот кон границата на долината Севоим, кон пустињата.
19 Во сета Израилска земја немаше ковачи, бидејќи Филистејците се плашеа, да не направат Евреите мечеви или копја.
20 И сите Израилци требаше да одат при Филистејците за да ги клепаат своите рала, мотиките, секирите и копачите,
21 кога ќе отапеше сечилото на ралата, мотиките, вилите и секирите, или пак требаше да се наострат остените.
22 Затоа во текот на војната немаше ниту меч, ниту копје во сиот народ, што беше со Саула и Јонатана, а такви се најдоа само кај Саула и кај синот негов Јонатана.
23 И филистејската стража излезе во теснецот во Махмас.