1 Peter 3
1 А така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та, ако некои од нив не му се покоруваат на словото, преку поведението на своите жени да се придобијат без услови,
2 кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот.
3 Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки,
4 туку – внатрешна, во срцето на сокриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога.
5 Оти така некогаш се украсуваа и светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на мажите свои,
6 како што Сара го слушаше Авраама, наречувајќи го господар, Вие сте нејзини чеда; ако правите добро, не плашете се од ништо.
7 Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество, и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши.
8 А најпосле, бидете сите еднодушни, жалостиви, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни;
9 не враќајте зло за зло или хула за хула, туку, напротив: благословувајте, знаејќи дека за тоа сте повикани за да наследите благословение.
10 Оти, кој го сака животот и сака да види добри денови, нека го пази јазикот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги.
11 Нека се клони од зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него –
12 бидејќи очите на Господа се обрнати кон праведните, и ушите Негови – кон нивните молитви, а лицето Господово е против оние, кои прават зло, за да ги истреби од земјата.
13 И кој може да ви направи зло, ако правите добро?
14 Но, ако и страдате за правда, блажени сте; а од страв пред нив не плашете се, ниту, пак да се боите;
15 туку Господа Бога почитувајте го во срцата свои; а бидете секогаш подготвени со кротост и страв за одговор на секого, кој од вас побара сметка за вашата надеж.
16 Имајте добра совест, та со тоа, што ве напаѓаат како злочинци, да се посрамат тие што ве кудат поради добриот ви живот во Христа.
17 Оти, ако ѝ е угодно на Божјата волја, подобро е да страдате, кога вршите добро, отколку – кога вршите лошо,
18 бидејќи и Христос, за да нѐ приведе кон Бога, еднаш пострада за гревовите наши, праведник за неправедните; вистина, мртов по тело, но оживе духом,
19 со кого, откако слезе, им проповеда и на духовите, кои беа во темнина,
20 и кои некогаш не се покорија, кога Божјата долготрпеливост ги очекуваше, во деновите на Ноја, при правењето на ковчегот, во кој малкумина, односно осум души се избавија од водата.
21 Образот на таа вода – крштавањето, но не отстранувањето на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога – добра совест – нѐ спасува сега и нас преку воскресението на Исуса Христа,
22 Кој, откако се вознесе на небото, е оддесно на Бога, а Кому Му се покоруваат ангелите, властите и силите.