1 Kings 18
1 Откако изминаа многу денови, пак му рече Господ на Илија во третата година: »Оди и јави му се на Ахава, и јас ќе дадам дожд на земјата.«
2 Илија отиде да му се јави на Ахава. А во Самарија имаше голем глад.
3 И Ахава го повика Авдија, управникот на дворецот. Авдија, пак, беше човек кој многу се боеше од Господа.
4 Кога Језавела ги истребуваше пророците Господови, Авдиј зеде сто пророци и ги криеше во пештери, по педесет луѓе, и ги хранеше со леб и вода.
5 И Ахав му рече на Авдија: »Тргни по земјата, по сите водни извори и по сите потоци во земјата, можеби некаде ќе најдеме трева, за да си ги прехраниме коњите и маските и да не се лишиме од добитокот.«
6 И тие ја разделија меѓу себе земјата, за да ја обиколат: Ахав тргна одделно по еден пат, а Авдиј тргна одделно по друг пат.
7 Кога Авдиј врвеше по патот, ете, во пресрет му доаѓа Илија. Тој го позна, падна ничкум и рече: »Ти ли си, господару мој Илија?«
8 Овој му одговори: »Јас сум; оди и кажи му на господарот свој: ‚Илија е тука.‘«
9 Тој рече: »Што сум виновен, па го предаваш својот слуга во рацете на Ахава, за да ме убие?«
10 »Жив Господ, твојот Бог! Нема ниеден народ и царство, каде што не испраќал господарот мој да те бара; и кога му кажуваа дека те нема, тој земаше клетва од тоа царство и народ, дека не можеле да те најдат;
11 а ти сега велиш, оди и кажи му на господарот: Илија е тука.
12 Кога јас ќе си отидам од тебе, Духот Господов ќе те однесе, не знам каде; и ако отидам да му јавам на Ахава, и тој не те најде, ќе ме убие; а слугата твој е богобојазлив од младини.
13 Зар не му е кажано на мојот господар, што сторив јас, кога Језавела ги избиваше Господовите пророци, како криев сто Господови пророци, по педесет души во пештера, и ги хранев со леб и вода?
14 А ти сега велиш: оди и кажи му на твојот господар: Илија е тука; тој ќе ме убие.«
15 Тогаш Илија му рече: »Жив Господ Саваот, пред Кого стојам, денес ќе му се јавам!«
16 Авдиј отиде да го пресретне Ахава и му јави, и Ахав отиде да го пресретне Илија.
17 Штом Ахав го виде Илија, му рече: »Ти ли си, што го вознемируваш Израилот?«
18 Илија му одговори: »Јас не го вознемирувам Израилот, туку ти и татковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците;
19 сега испрати и собери го при мене сиот Израил на гората Кармил, и четиристотините и педесет Ваалови прорци и четирите стотини пророци од дубравата, што се хранат од трпезата на Језавела.«
20 И Ахав испрати до сите Израилеви синови и ги собра сите пророци на гората Кармил.
21 Тогаш Илија пристапи кон сиот народ и рече: »Уште ли ќе храмите на двете колена? Ако Господ е Бог, врвете по Него; ако ли е Ваал – одете по него.« А народот не му одговори ни збор.
22 И му рече Илија на народот: »Само јас останав пророк Господов, а Ваалови пророци има четиристотини и педесет души и четиристотини идолски пророци;
23 нека ни дадат две телиња и нека си изберат едно теле, и да го расечат и стават врз дрва, но оган да не потпалуваат; јас, пак, ќе го приготвам другото теле и ќе го ставам врз дрва, и оган нема да потпалувам;
24 тогаш повикајте го името на вашиот бог, јас, пак, ќе го повикам името на Господа, мојот Бог. Оној Бог, Кој ќе одговори преку оган, Он е Бог.« И сиот народ одговори и рече: »Добро, нека биде така!«
25 Потоа им рече Илија на Вааловите пророци: »Изберете си едно теле и пригответе го вие најнапред, бидејќи сте многу; и повикајте го името на вашиот бог, и оган не потпалувајте.«
26 И ете го зедоа телето, што им беше дадено, го приготвоја и го повикуваа името на Ваала од утрината до пладне, велејќи: »Ваале, почуј нѐ!« Но немаше ни глас, ни одговор. И тие скокаа пред жртвеникот, што беа го направиле.
27 Попладнето Илија почна да им се потсмева и велеше: »Викајте посилно, зашто тој е бог; можеби се замислил, или е зафатен со нешто, или е на пат, а можеби и спие, – така ќе се разбуди!«
28 И тие почнаа да викаат високо и според обичајот свој да се бодат со ножеви и копја, така што крв течеше од нив.
29 Мина пладне, а тие сѐ уште беснееја токму до вечерното жртвопринесување; но не се чу ни глас, ни одговор, ниту слух. Тогаш Илија Тесвитецот им рече на Вааловите пророци: »А сега тргнете се вие, та и јас да го извршам своето жртвопринесување.« Тие се тргнаа и замолкнаа.
30 Тогаш Илија му рече на сиот народ: »Приближете се до мене.« И сиот народ се приближи до него. Тој, пак, го подигна урнатиот жртвеник Господов.
31 И зеде Илија дванаесет камења, токму колку што се колената на синовите на Јакова, кому Господ му беше рекол вака: »Израил ќе биде твоето име.«
32 И изгради од тие камења жртвеник во името на Господа, а околу жртвеникот направи окоп, што собираше две мери зрна, за да се посеат,
33 и постави дрва врз жрвеникот, го расече телето, го стави врз дрвата,
34 и рече: »Наполнете четири ведра вода и поливајте ја жртвата сепаленица и дрвата!« И направија така. Потоа рече: »Повторете!« И тие повторија. Тогаш рече: »Направете го тоа по третпат.« И тие го направија и по третпат.
35 И водата се разлеа околу жртвеникот, а окопот се наполни со вода.
36 Кога ја принесуваа вечерната жртва, пророкот Илија се приближи, извика кон небото и рече: »Господи, Боже Авраамов, Исаков и Израилев! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе, дека си Ти единствен Бог во Израилот, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово.
37 Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ, дека Ти, Господи, си Бог и ти ќе го свртиш срцето нивно кон Себеси.«
38 И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голтна водата, што беше во окопот.
39 Кога го виде тоа, сиот народ падна ничкум и рече: »Господ е Бог, Господ е Бог!«
40 Тогаш Илија им рече: »Фатете ги Вааловите пророци, та ниеден од нив да не се сокрие.« Ги фатија, а Илија ги одведе при потокот Кисон и таму ги искла.
41 Илија му рече на Ахава: »Оди, јади и пиј, зашто се слуша шум од дожд.«
42 Ахав отиде да јаде и да пие, а Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата, го стави лицето меѓу колениците свои
43 и му рече на слугата свој: »Оди и погледни кон морето:« Тој отиде, погледна и рече: »Ништо нема.« Тој пак рече: »Направи го тоа седумпати.«
44 На седмиот пат слугата рече: »Ете од морето се крева мало облаче, колку човечка дланка.« Тој му рече: »Оди, кажи му на Ахава: ‚впрегни ја колата своја и тргнувај, за да не те испревари дождот.‘«
45 Во тоа време небото потемне од облаци и виор, и почна да паѓа силен дожд. Ахав тогаш седна во колата, заплака и тргна за Језраел.
46 А раката Господова беше врз Илија. Тој го препаша крстот свој и трчаше пред Ахава дури до Језраел.