1 Kings 13
1 И ете, според словото Господово, дојде еден божји човек од Јудеја во Ветил во она време, кога Јеровоам стоеше пред жртвеникот, за да прекади.
2 И произнесе кон жртвеникот слово Господово, велејќи: »Жртвенику, жртвенику! Вака вели Господ: ‚ете, во Давидовиот дом ќе се роди син по име Осија; тој ќе ги принесе врз тебе во жртва идолските свештеници, што кадат врз тебе, и ќе изгори врз тебе човечки коски.‘«
3 И во оној ден тој покажа знак, велејќи: »А, еве, знак, дека Господ го рекол тоа: ‚овој жртвеник ќе се урне, и пепелта, што е на него, ќе се развее.‘«
4 Кога цар Јеровоам го чу словото на Божјиот човек, изговорено пред жртвеникот во Ветил, ја пружи раката од жртвеникот и рече: »Фатете го!« Тогаш раката негова, што ја беше пружил кон него, се здрви и не можеше да ја тргне кон себеси.
5 И жртвеникот се урна, и пепелта од жртвеникот се развеа, според знакот, даден од Божјиот човек преку словото Господово.
6 И царот Јеровоам му рече на Божјиот човек: »Умилостиви го лицето на Господа, твојот Бог, и помоли се за мене, па да ми се поврати раката.« Човекот божји Го умилостиви лицето Господово, и раката се поврати и стана како порано.
7 Тогаш царот му рече на божјиот човек: »Дојди со мене дома да се поткрепиш; ќе ти дадам да јадеш, и ќе ти донесам подарок.«
8 Но Божјиот човек му одговори на царот: »Да ми дадеш и половина од домот свој, нема да дојдам со тебе, нема да јадам леб и нема да пијам вода во тоа место,
9 зашто така ми е заповедано преку словото Господово: ‚не јади таму леб, не пиј вода и не се враќај по патот, по кој си одел.‘«
10 И тој тргна по друг пат и не се врати по оној пат, по кој беше дошол во Ветил.
11 Во Ветил живееше еден пророк – старец. Синовите негови дојдоа и му раскажаа сѐ, што беше направил оној ден Божјиот човек во Ветил; тие му ги раскажаа на татка си и зборовите, што тој му ги беше кажал на царот.
12 И татко им ги праша: »По кој пат си отиде?« А синовите му покажаа, по кој пат тргна Божјиот човек, што дошол од Јудеја.
13 Тогаш тој им рече на синовите свои: »Оседлајте ми го оселот.« Тие му го оседлаа оселот, и тој се качи на него.
14 И тргна по Божјиот човек, и го најде како седи по еден даб, и го праша: »Ти ли си Божјиот човек, што доаѓа од Јудеја?« Оној одговори: »Јас сум.«
15 Тогаш му рече: »Дојди кај мене дома и касни леб.«
16 Оној му одговори: »Не можам да се вратам со тебе и да дојдам при тебе; нема да јадам леб и нема да пијам вода кај тебе во ова место,
17 зашто преку словото Господово му е речено: ‚не јади леб и не пиј вода таму, и не се враќај по патот, по кој си одел.‘«
18 Тој му рече: »И јас сум таков пророк како тебе и ангелот ми говореше преку словото Господово и рече: ‚врати го во домот свој; нека касне леб и нека пие вода.‘« Но тој го излага.
19 И оној се врати со него, касна леб во куќата негова и се напи вода.
20 Кога тие уште седеа на трпезата, би словото Господово кон пророкот, што го беше вратил.
21 И тој изговори кон Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја и рече: »Вака вели Господ: ‚затоа што не се покори на устата Господова и не ја запази заповедта, што ти ја беше дал Господ, Бог твој,
22 туку се врати, јадеше леб и пиеше вода на ова место, за кое Он ти беше рекол – не јади леб и не пиј вода, телото твое нема да влезе во гробницата на татковците твои.‘«
23 Откако оној јадеше леб и се напи вода, тој го оседла оселот за пророкот, што го беше вратил.
24 И оној си замина. На патот го сретна лав и го умртви. Телото му лежеше испружено на патот; оселот, пак, стоеше до него, а лавот стоеше до телото.
25 И ете, минувачите го видоа телото, испружено на патот, и лавот како стои до телото; и отидоа, та раскажаа во градот, во кој живееше пророкот – старец.
26 Откако го чу тоа пророкот, што го беше вратил од патот, рече: »Тоа е оној човек Божји, што не ја послуша устата Господова; Господ го предаде на лав, што го нападнал и го усмртил, според словото Гсоподово, што му беше кажано.«
27 И им рече на синовите свои: »Оседлајте ми го оселот.« И го оседлаа.
28 Тој отиде и го најде телото негово испружено на патот; а оселот и лавот стоеја до телото; лавот не беше го изел телото и не беше го раскинал оселот.
29 Тогаш пророкот го крена телото на човекот Божји, го стави на оселот и го однесе назад. И пророкот – старец тргна кон градот свој, за да го оплаче и погребе.
30 И го положи телото негово во својата гробница и плачеше за него: »Леле, брату мој!«
31 Откако го погреба, тој им рече на синовите свои: »Кога ќе умрам, погребете ме во гробницата, во која е погребан Божијот човек, до неговите коски положете ги моите коски,
32 зашто ќе се исполни словото, што по заповед на Господа тој го кажа за жртвеникот во Ветил и за сите идолски светилишта во самарските градови.«
33 И по овој настан Јеровоам не се одврати од лошиот пат свој, туку продолжи да поставува идолски свештеници од народот; кого сакаше, него го посветуваше, и тој стануваше идолски свештеник.
34 Тоа го водеше Јеровоамовиот дом во грев, кон пропаст и кон истребувањето негово од лицото на земјата.