1 John 2
1 Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот:
2 а Он е очистување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет.
3 По тоа узнаваме дека сме Го познале, кога ги пазиме Неговите заповеди.
4 Кој вели: »Го познав«, а заповедите Негови не ги пази, лажец е и вистината не е во него;
5 а кој го пази словото Негово, во него е Божјата љубов навистина совршена: по тоа узнавме дека сме во Него.
6 Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Он.
7 Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја имате од почетокот. Старата заповед е словото, што го чувте од почетокот.
8 Но сепак, нова заповед ви пишувам – она што е вистинско и во Него и во вас; оти темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети.
9 Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сѐ уште во темнина.
10 Кој го сака брата си, тој е во светлината и во него нема соблазан.
11 А кој го мрази братот свој, тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, а не знае каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови.
12 Ви пишувам, чеда, дека заради Неговото име ви се простени гревовите.
13 Ви пишувам вам, татковци, зашто Го познавате Оној, Кој е од почеток; ви пишувам, вам, момчиња, зашто го победивте лукавиот.
14 Ви напишав вам, татковци, бидејќи Го познавате Оној, Кој е од почеток; ви напишав вам, момчиња зашто сте силни, и словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот.
15 Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот.
16 Зашто, сѐ што е во светот – похотата на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет.
17 А светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека.
18 Чеда, последно време е. И како што сте слушале дека ќе дојде антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи; од тоа разбираме дека е последниот час.
19 Тие излегоа од нас, но не беа наши; бидејќи ако беа наши, ќе останеа со нас; но се јавија, за да се знае дека сите не се наши.
20 А вие имате помазание од Светиот, и знаете сѐ.
21 Не ви пишав дека не ја знаете вистината, туку дека ја знаете како и дека ниедна лага не доаѓа од вистината.
22 Кој е лажец, ако не оној, што одречува дека Исус е Христос? Тој е антихрист, што Го одречува Отецот и Синот.
23 Секој, што Го одречува Синот, нема и Отец; а кој Го исповедува Синот, има и Отец.
24 И така, сѐ што чувте во почетокот, тоа и нека остане при вас; ако она, што го чувте најнапред, остане во вас, и вие ќе пребивате во Синот и во Отецот.
25 И тоа е ветувањето, што ни го вети Он – вечен живот.
26 Тоа ви го пишав поради оние, што ве мамат.
27 И помазанието, што го примивте од Него, пребива во вас, и немате потреба некој да ве учи; но бидејќи самото помазание ве учи на сѐ, и е вистинско, и не е лага, тоа останете во него онака, како што ве научило тоа.
28 И така, чеда, останете во Него, та, кога ќе се јави Он, да имаме смелост и да не се посрамиме од Него, кога ќе дојде.
29 Кога знаете дека е Он праведник, знајте го и тоа дека секој, кој што врши правда, е роден од Него.