1 Corinthians 9
1 Не сум ли јас апостол? Не сум ли слободен? Не Го видов ли Исуса Христа, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господа?
2 Ако на други не сум апостол, но на вас сум, бидејќи печатот на моето апостолство сте вие во Господа.
3 Тоа е мојата заштита против оние што ме осудуваат.
4 Зар немаме право да јадеме и да пиеме?
5 Зар немаме право да водиме со себеси една жена сестра, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа?
6 Или само јас и Варнава немаме право ова да го правиме?
7 Кој војувал некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не јаде од неговото млеко?
8 Зар го зборувам ова само по човечки? Не го вели ли истото и Законот?
9 Бидејќи во Мојсеевиот закон е напишано: »Не врзувај ја устата на вол, што врши«. Зар Бог се грижи за воловите?
10 Или го вели тоа, главно, за нас? – Да, за нас е напишано тоа; зашто, оној што ора, треба да ора со надеж, и кој што врши, да врши со надеж, за да го добие она, што го очекува;
11 ако сме го посеале при вас духовното семе, многу ли е, ако го ожнееме кај вас телесното?
12 Ако други имаат дел во она, со што располагате вие, тогаш колку повеќе ние? Но, ние не го користевме тоа право, туку сѐ трпиме, за да не направиме некаква пречка на Христовото Евангелие.
13 Не знаете ли дека оние, што свештенодејствуваат, се хранат од светилиштето, и кои служат на жртвеникот, делат со жртвеникот?
14 Така и Господ заповедал, проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието.
15 Но јас не се ползував ни со едно од тие права; и не го пишав ова, за да се приложи сето тоа кон мене. Оти за мене е подобро да умрам, отколку некој пофалбата да ми ја одземе.
16 Зашто, ако проповедам Евангелие, нема за што да се фалам: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене, ако не проповедам.
17 Ако доброволно го вршам тоа, тогаш имам награда; а ако без своја волја – тогаш е тоа само извршување на поверена ми служба.
18 А каква ми е наградата? Таа е дека проповедајќи го Евангелието, го проповедам за Христа дарум, не ползувајќи го своето право од благовествувањето.
19 Зашто, иако слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам:
20 на Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и нив;
21 за оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христа, за да ги придобијам и оние што се без закон.
22 За слабите станав како слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та по каков и да било начин да спасам некого.
23 А ова го правам поради Евангелието, за да бидам учесник во Него.
24 Не знаете ли, дека оние што се натпреваруваат на тркалиште, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие, за да добиете.
25 Секој што се бори, од сѐ се воздржува: оние – за да добијат распадлив венец, а ние – траен.
26 Јас, пак, сѐ така трчам, но не на несигурно; се борам не како оној што удира по ветар;
27 туку го истоштувам и го поробувам телото, да не би ненамерно, проповедајќи им на другите и сам да станам негоден.