1 Corinthians 15
1 Браќа, ви напомнувам за Евангелието, Кое ви го проповедав а Кое вие го примивте и во Кое стоите.
2 Преку Него и се спасувате, ако Го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно.
3 Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата;
4 дека Он беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата,
5 и дека му се јави на Кифа и потоа на единаесетте;
6 после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа;
7 потоа му се јави на Јакова и на сите апостоли,
8 а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче,
9 зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква.
10 Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене.
11 И така, било јас, или тие, така проповедаме, и вие така поверувавте.
12 И кога за Христа се проповеда дека воскреснал од мртвите, како тогаш некои помеѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите?
13 А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал;
14 ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера.
15 При тоа, ако навистина мртвите не воскреснуваат, ние излегуваме како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме за Бога дека Го воскреснал;
16 оти, ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал;
17 ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови;
18 тогаш и оние, што умреле за Христа, загинале.
19 И, ако само во овој живот се надеваме на Христа, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе.
20 Но, ете, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените.
21 Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек.
22 И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат;
23 но, секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови.
24 А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила.
25 Бидејќи Он треба да царува »додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.«
26 А најпоследниот враг за уништување е смртта,
27 зашто »сите ги покори под нозете Негови«; а што се вели »дека сѐ Му е Нему покорено«, очевидно е, освен Оној, Кој што Му потчини сѐ.
28 Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Овој, Кој Му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ.
29 Инаку, што ќе направат оние, кои се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите, ако воопшто мртвите не воскреснуваат? Кога мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите?
30 Зошто, пак, и ние секој час се подложуваме на опасност?
31 Секој ден умирам, браќа, жими пофалбата ваша, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ.
32 Кога во Ефес, човечки да речам, се борев со ѕверови, тоа што полза имам, штом мртвите не воскреснуваат? »Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!«
33 Не лажете се: »Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!«
34 Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Оти некои од вас не знаат за Бога – за ваш срам го велам ова.
35 Но ќе рече некој: како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат?
36 Безумниче, тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре.
37 А кога сееш, не го сееш телото, кое ќе стане, туку голо зрно, било пченично или друго некое;
38 но Бог му дава тело, какво што сака, и на секое семе негово сопствено тело.
39 Не е секое тело исто со друго тело: друго е телото на човек, друго е телото на животно, друго на риба, друго на птица.
40 Има тела небесни и тела земни, но друг е болскотот на небесните и друг на земните;
41 еден е болскотот на сонцето; друг е болскотот на месечината, инаков е, пак, на ѕвездите; па и ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува.
42 Такво е и воскресението на мртвите: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање;
43 се сее во бесчест – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила;
44 се сее тело душевно – воскреснува тело духовно. Има тело душевно, има и тело духовно.
45 Па така е и напишано: »Првиот човек Адам стана жива душа«, а последниот Адам – животворен дух.
46 Но не иде прво духовното, туку душевното, а потоа духовното.
47 Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото.
48 Каков е земниот, такви се и земните; и каков е Небесниот, такви се и небесните;
49 и како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и образот на Небесниот.
50 А ова ви го велам, браќа, дека телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо, ниту распадливоста ја наследува нераспадливоста.
51 Еве, тајна ви кажувам; сите нема да умреме, но сите ќе се измениме,
52 одеднаш, во еден миг, при последната труба; ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме;
53 зашто распадливото треба да се облече во нераспадливо, а смртното – да се облече во бесмртно.
54 А кога распадливото се облече во нераспадливост, и смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: »Победата ја проголта смртта«.
55 Смрт, каде ти е осилката? Пеколу, каде ти е победата?
56 Осилката на смртта е гревот, а силата на гревот е Законот.
57 Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос.
58 И така, браќа мои возљубени, бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден.