1 Corinthians 14
1 Стремете се кон љубовта; ревнувајте за духовните дарови, а особено да пророкувате.
2 Оти оној, кој зборува на јазик непознат, тој не им зборува на луѓе, туку на Бога; бидејќи никој не го разбира, а со Духот кажува тајни;
3 кој, пак, пророкува, тој им зборува на луѓето за поука, утеха и утврдување.
4 Кој зборува на непознат јазик, тој се поучува сам; а кој пророкува, тој ја поучува Црквата.
5 Но јас би сакал сите вие да зборувате на разни јазици, а уште повеќе да пророкувате: оти, кој пророкува, е поголем од оној, кој зборува јазици – освен ако и ги толкува, та Црквата да добие поука.
6 А сега, ако дојдам при вас, браќа, и ви зборувам на разни јазици, каква полза ќе имате од мене, кога не ви се објаснува било со откровение, било со познавање, било со пророкување, било со поука?
7 И бездушните предмети, како свирката или гуслата, што даваат глас, ако не даваат разни гласови, како ќе се разбере што се свири или гуди?
8 Оти, ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за битка?
9 Така и вие, ако со јазикот свој не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе зборувате во ветар.
10 Во светот има кој знае колку разни зборови, и ниеден од нив не е без значење.
11 Ако, пак, не го разбирам значењето на тие гласови, тогаш за оној што зборува ќе бидам странец, а и тој за мене туѓинец.
12 Така и вие, бидејќи сте ревнители за духовни дарови, грижете се да ги добиете во изобилност, за поука на Црквата.
13 Затоа, оној што зборува на стран јазик, нека се моли за дар да може да го толкува.
14 Оти, ако се молам на непознат јазик, се моли мојот дух; умот, пак, мој останува бесплоден.
15 Па што да се прави? Ќе Му се молам со дух, ќе се молам и со ум; ќе Го фалам Бога со дух, ќе Му пеам и со ум.
16 Зашто, ако благословуваш со дух, како ќе рече »амин« на твојата благодарност простиот човек, кога не разбира што велиш?
17 Ти благодариш добро, но другиот не се поучува.
18 Му благодарам на Мојот Бог, оти од сите вас зборувам повеќе јазици;
19 но в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик.
20 Браќа, по умот немојте да бидете како деца; за злото бидете младенци, а по умот зрели.
21 Во Законот е напишано: »На туѓи јазици и со туѓа уста ќе му зборувам на овој народ, но и така нема да ме послуша, вели Господ.«
22 Затоа јазиците се знак не за оние што поверувале, туку за оние што не поверувале; пророштвата, пак, не за оние што не веруваат, туку за оние што веруваат.
23 Ако, пак, целата Црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и прости луѓе или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе?
24 Но, ако сите пророкуваат, а дојде некој прост човек или неверник, него сите ќе го изобличат и сите ќе го осудат,
25 така што тајните на срцето ќе му се откријат, и тој, откако падне на колена, ќе Му се поклони на Бога и ќе рече: »Навистина, со вас е Бог«.
26 Па што, браќа? Кога ќе се собирате, и секој од вас има – кој псалм, кој поука, кој јазик, кој откровение, кој толкување, – сѐ да се врши за поука.
27 Ако некои зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат по двајца, или најмногу тројца, и тоа по ред, а еден да толкува.
28 Ако пак, нема толкувач, тогаш в црква да молчат, а нека си зборуваат во себеси и на Бога.
29 Пророците, пак, да зборуваат по двајца и тројца, а другите да расудуваат.
30 Но, ако некому што седи му дојде откровение, тогаш првиот нека замолчи.
31 И така, еден по друг можете сите да пророкувате, та сите да се поучувате и сите да се утешувате.
32 И пророчките духови им се покоруваат на пророците;
33 оти Бог не е Бог на безредие, туку на мирот. Така е по сите цркви меѓу светиите.
34 Жените ваши по црквите да молчат: ним не им е позволено да зборуваат, туку да се покоруваат, како што вели и Законот.
35 Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома; зашто срамно е жена в црква да зборува.
36 Зар од вас излезе словото Божјо? Или, пак, само до вас стигна?
37 Ако некој мисли дека е пророк или исполнет со дух, нека разбере дека ова што ви го пишувам се Господови заповеди.
38 А кој не разбира, нека не разбира.
39 И така, браќа, грижете се да пророкувате, но не забранувајте да се зборува и на разни јазици.
40 Сѐ да се врши како прилега и уредно.