1 Corinthians 10
1 Браќа, не сакам да не знаете дека татковците наши сите беа под облак и сите минаа преку морето;
2 и сите во Мојсеја се крстија во облакот и во морето;
3 и сите јадеа иста духовна храна;
4 и сите пиеја исто духовно пиење; оти пиеја од духовниот камен, што идеше по нив; а каменот беше Христос.
5 Но повеќето од нив не беа по волјата Божја, бидејќи загинаа во пустињата.
6 А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи на злото, како што тие беа похотливи.
7 Не станувајте ниту идолослужители, како некои од нив, за кои е напишано: »Народот седна да јаде и да пие, па стана да игра«.
8 Ниту, пак, да блудствуваме, како некои од нив што блудствуваа, и во еден ден загинаа дваесет и три илјади.
9 Ни, пак, да го искушуваме Христа, како што некои од нив Го искушуваа, и загинаа од змии.
10 Не роптајте, како што некои од нив роптаа, па загинаа од Истребителот.
11 Сето тоа стануваше, та да служат како пример, а беше напишано за поука на нас, до кои стигна крајот на вековите.
12 Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне.
13 Друго искушение вас не ве постигна, освен човечкото; но верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите.
14 Затоа, возљубени мои, одбегнувајте го служењето на идолите.
15 Ви зборувам како на мудри: расудете сами за ова што ви го кажувам.
16 Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли општување со крвта Христова? Лебот што го кршиме, не е ли општување со телото Христово?
17 Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб.
18 Гледајте го Израилот по тело: оние, што јадат од жртвите, не се ли во заедница со жртвеникот?
19 Па што да речеме? Тоа ли дека идолот е нешто, или дека идолските жртви се нешто?
20 Не! Но она што го принесуваат незнабошците како жртва, го принесуваат на бесови, а не на Бога; јас, па, не сакам да бидете во заедница со бесовите.
21 Не можете да пиете од Господова чаша и од бесовска чаша; не можете да учествувате на Господовата трпеза и на бесовската трпеза.
22 Или, пак, ќе побудиме ревнување во Господа? Та посилни ли сме од Него?
23 Сѐ ми е позволено, но не е сѐ полезно; сѐ ми е позволено, но не е сѐ за поука.
24 Никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот.
25 Сѐ, што се продава на пазар, јадете без какво и да било испитување поради совеста;
26 зашто »Господова е земјата и она што ја исполнува«.
27 Ако ве покани некој од неверните и вие посакате да отидете, јадете сѐ, што ќе ви изнесат, без никакво испитување, поради совеста.
28 Но, ако некој ви рече: тоа е идолска жртва, не јадете – заради оној, што ви го рекол тоа, и поради совеста; зашто Господова е земјата и она, што ја исполнува.
29 Но не зборувам за совеста твоја, туку на друг; оти, бива ли мојата слобода да биде судена од туѓа совест?
30 Ако, пак, во јадењето учествувам со благодарност, зошто да бидам хулен поради тоа, за кое благодарам?
31 И така, јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја.
32 Не станувајте соблазан ни за Јудејците, ни за Елините, ниту за црквата Божја,
33 како што и јас им угодувам на сите во сѐ и не ја барам својата полза, туку користа на многуте, за да се спасат тие.