1 Corinthians 1
1 Од Павла, повиканиот апостол на Исуса Христа по волјата Божја, и од братот Состен –
2 до црквата Божја во Коринт, до осветените во Исуса Христа, до повиканите светии, заедно со сите оние, кои го призовуваат името на нашиот Господ Исус Христос на секое место, на нивно и на наше.
3 Да имате благодат и мир од нашиот Бог Отец и од Господа Исуса Христа!
4 Секогаш Му благодарам на Бога за вас поради даруваната ви во Христа Исуса Божја благодат,
5 зашто преку Него се обогативте со сѐ, во секое слово и во секое знаење,
6 откако се утврди во вас Христовото сведоштво,
7 така што да не се лишавате од никаков дар, вие, што го очекувате откровението на нашиот Господ Исус Христос,
8 Кој ќе ве утврди и до самиот крај, за да бидете беспрекорни во денот на нашиот Господ Исус Христос.
9 Верен е Бог, преку Кого сте повикани за општење со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ.
10 Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла.
11 Оти од домашните на Хлој чув за вас, браќа мои, дека помеѓу вас имало карање.
12 А ова ви го велам, затоа што еден од вас вели: »Јас сум Павлов«, друг: »А јас сум Аполосов«, трет: »Јас сум на Кифа«, а друг: »Јас, пак, Христов«.
13 Па зар Христос да се раздели? Дали Павле беше распнат за вас? Или пак во името Павлово се крстивте?
14 Му благодарам на Бога, што од вас никого не сум крстил, освен Криспа и Гаја,
15 та никој да не рече, дека сум крстил во свое име.
16 Го крстив исто така и домот на Стефанин, а дали сум крстил и некој друг, не знам.
17 Зашто Христос не ме прати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието, и тоа не со премудри зборови, за да не ја изгуби силата крстот Христов.
18 Бидејќи словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја.
19 Зашто е напишано: »Ќе ја погубам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на разумните.«
20 Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја обезуми ли Бог мудроста на овој свет?
21 Зашто светот со својата мудрост не Го позна Бога во Неговата премудрост; Бог благоволи со безумството на проповедта да ги спаси оние што веруваат.
22 Оти и Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост,
23 ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазан, а за Елините безумство;
24 за повиканите, пак, како Јудејците, така и Елините, Христа како Божја сила и Божја премудрост.
25 Зашто она, што е безумно за Бога, помудро е од луѓето, и она, што е за Бога немошно, посилно е од луѓето.
26 Гледате, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте по тело мудри, не мнозина силни, не мнозина благородни;
27 но Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните;
28 Бог го избра она, што е од долно потекло и унизено во овој свет, и она, што не претставува ништо, за да го сосипе она, што е нешто,
29 та ниедно тело да не се пофали пред Бога.
30 Од Него сте и вие во Исуса Христа, Кој за нас стана премудрост од Бога, и правда, и осветување, и откуп,
31 па да биде, како што е напишано: »Кој се фали, во Господа нека се фали«.